pixel-xl-family-us-only-1

Како што веќе знаевме, денес Google ги претстави новите Pixel телефони. Ова се наследници на Nexus линијата, но тука не е различно само името – Pixel телефоните се најсилниот обид на Google досега да им конкурира на Apple и Samsung, па токму поради тоа тие се и најава за иднината на Android како платформа, но и на Google (Alphabet) како компанија.

Досега, Nexus телефоните беа задолжени да покажат што може секоја нова верзија на Android, а отсега, Pixel телефоните ќе го прават истото, но заедно со новата верзија на Android, ќе донесуваат и хардвер кој ќе биде оптимизиран исклучиво за софтверот кој се наоѓа на него. Да, исто како што прават Apple.

gsmarena_001

Но, да се каже дека новите Pixel телефони се само подобро оптимизирани Nexus-и е навреда. За разлика од порано, двата нови телефони имаат исклучително моќни спецификации и супер актрактивен дизајн, а според Google, имаат и најдобра камера од сите паметни телефони воопшто, нешто што не можеше да се каже за претходниците.

Да почнеме прво од спецификациите – Pixel и Pixel XL имаат исти спецификации, со две очигледни разлики, а тоа е различната големина и резолуција на дисплеите и капацитетот на батериите – Pixel има 5 инчен дисплеј со Full HD резолуција и батерија од 2.770 mAh, додека Pixel XL има 5,5 инчен дисплеј со Quad HD резолуција и батерија од 3.450 mAh. Добра вест е што и двата диспеи се AMOLED, што значи дека може да се очекува висок контраст и длабоки бои.

Во внатрешноста на двата телефони се наоѓа новиот Snapdragon 821 процесор, кој има две јадра на 2,15 GHz и две јадра на 1,6 GHz, помогнат од 4 GB рам меморија и моќниот Adreno 530 графички чип. Google ќе нуди две верзии – едната ќе има 32 GB капацитет за податоци, додека другата ќе има 128 GB капацитет. Како и кај Nexus телефоните и тука нема да има слот за micro SD картичка.

Најголем адут на Pixel телефоните, барем според Google, ќе бидат вградените камери. Назад камерата има 12 мегапиксели, но распределени на голем сензор од 1/2.3 инчи, за големина на пикселите од 1,55 µm. Сензорот е вграден позади леќа со бленда од f/2.0, што можеби не е најдобар резултат, но е прилично близу до останатите модели во класата. Интересно, камерата нема оптичка стабилизација, но има електронска, која според презентациите од Google делува прилично импресивно.

gsmarena_002

Од Google велат дека оваа камера постигнува најдобри резултати на тестирањата на DxOMark од сите телефони тестирани досега. Ова не секогаш значи дека тоа е и најдобра камера, но е добра најава за тоа што можеме да очекуваме. Камерата секако може да снима и 4K видео при 30 слики во секунда. Pixel и Pixel XL ќе имаат и моќна предна камера со 8 мегапиксели и исто како и предната камера, f/2.0 бленда која ќе помогне во ноќните фотографии.

Pixel телефоните ќе имаат и прилично атрактивен дизајн, што е очекувано бидејќи ги произведува и развива HTC, иако некои ќе забележат дека личат на iPhone. Назад особено во очи паѓа контрастот меѓу стаклото и алуминиумот, кој според мене му дава препознатливост на телефонот. За разлика од скоро сите конкуренти, Pixel телефоните немаат камера која излегува од телото, што е одлична вест, а за разлика од iPhone 7 и 7 Plus имаат и излез за слушалки од 3,5 mm. Како и секој телефон од високата класа, Pixel телефоните имаат читач за отпечатоци на прстите, вграден во задниот дел, додека батеријата ќе се полни преку новиот USB Type-C приклучок, кој поддржува и брзо полнење (7 часа користење за 15 минути полнење).

google104-1676-1

Pixel телефоните сепак не се ништо без Android, а тие ја имаат моментално најновата верзија Nougat 7.1. Оваа верзија доаѓа со новиот Google Assistant, кој е Google Now на стероиди – него можете да му кажете да извади некоја фотографија од вашиот албум (која ве мрзи да ја пребарувате) или пак да му наредите да направи резервација во ресторан. Исто така, Nougat 7.1 ќе може да инсталира нова верзија на софтверот во позадина, на која директно ќе може да преминете откако ќе биде инсталирана – досега требаше да се рестартира телефонот и да се чека.

Со Pixel телефоните корисниците ќе добијат и бесплатно прикачување на неограничен број на слики и видеа со целосна резолуција на Google Photos, а тие се и првите телефони со поддршка за Daydream, новата платформа на Google за виртуелна реалност.

google104-1666-1

Pixel и Pixel XL ќе бидат понудени во три различни бои, кои имаат прилично интересни имиња – „Сосема Црна“, „Навистина Сина“ и „Многу Бела“, односно на англиски “quite black”, “very silver” и “really blue.” Цената во САД почнува од 649 долари за Pixel моделот со 32 GB, односно 749 долари за моделот со 128 GB, додека Pixel XL чини 769 за моделот со 32 GB, односно 869 долари за моделот со 128 GB.

Да, Pixel телефоните нема веќе да бидат достапни како своите претходници, но тоа и беше очекувано, а реално, за натпревар со Apple и Samsung, на Google не му требаат евтини телефони, туку уреди кои можат вистински да им конкурираат на iPhone и Galaxy телефоните со функционалностите кои ги нудат. Доколку Pixel и Pixel XL навистина ги имаат перформансите и камерата како што ветува Google, тие би можеле сериозно да ги загрозат iPhone 7 и Samsung Galaxy S7.

Дополнителни информации: The Verge, Engadget, GSM Arena (1) (2)

Претходна статијаNokia телефон забележан на бенчмарк тестови
Следна статијаLenovo не планира Windows 10 телефони бидејќи Microsoft не е посветен на платформата