gsmarena_001

Веројатно најдобриот Android телефон досега беше и еден од најопасните телефони за корисниците, поради лошата батерија која беше лесно запалива, па затоа веќе нема да се произведува. Воедно, сите корисници кои имаат Note 7 се советувани веднаш да ги исклучат своите телефони и да ги вратат од каде што ги купиле.

Навистина, доколку имате Note 7 телефон, не ризикувајте – него може ќе го користи вашето дете или пак може да се запали во вашиот џеб. Samsung одлучи да им ги врати парите на сите купувачи кои ќе го вратат телефонот, а најавени се и бонуси за купување друг телефон. Сѐ уште немаме информации какви поволности ќе добијат купувачите во Македонија, но ќе ве известиме веднаш штом ќе имаме информација.

Повлекувањето на Galaxy Note 7 од пазарот се случи откако 5 од уредите кои имаа „здрава батерија“ експлодираа или се самозапалија. Интересно, тоа беа телефони кои корисниците веќе ги имале променето и за кои Samsung ветуваше дека нема да имаат никакви проблеми. Причината е сигурно многу подлабока од првите проценки и Note 7 е очигледно уред кој не е безбеден, за што има само едно решение – Samsung да престане да го продава.

Сето ова многу корисници ќе го дочекаат со жалење, бидејќи светот ќе биде посиромашен за еден инаку одличен паметен телефон, а сигурно ќе има и такви кои ќе се ситат на ова (кхм, Apple фанови, кхм). Сепак, според мене ова може да донесе многу големи подобрувања во наредната генерација на Galaxy S8, бидејќи единствената шанса на Samsung брзо да се извади од ова е со иновации.

Според тоа, очекувам тие да го забрзаат развојот на паметни телефони од следната генерација, кои ќе имаат дисплеи што ќе можат да се виткаат, ќе можат да се преклопуваат на пола итн. Note серијата дури би можела и целосно да биде заменета со нова серија на големи, бизнис паметни телефони, токму со погоре споменатите карактеристики, кои потоа би се преселиле во пониските класи. Да, телефон што се самозапалува може да биде и голема придобивка за нас корисниците во наредниве неколку години.

Извор: The Verge, Engadget, GSM Arena

Претходна статијаWindows 10 Mobile Redstone 2 надградбата ќе донесе големи подобрувања во Continuum
Следна статијаOokla претстави Windows 10 апликација за својот Speedtest.net сервис