Samsung Galaxy Note 7 Note7

Иако сѐ уште немаме детални информации за тоа како ќе тече враќањето на Galaxy Note 7 кај нас, во САД корисниците на уредот ќе ги добијат сите пари кои ги платиле за него, плус 100 долари доколку повторно се одлучат на Galaxy телефон.

Згора на тоа, корисниците ќе ја добијат и разликата во парите за цената на телефоните, а бидејќи Note 7 е најскап модел во понудата, доколку корисниците се одлучат на Galaxy S7 Edge на пример, ќе заштедат уште минимум 125 долари, што заедно со погоре споменатите 100 долари кредит се собира како навистина добра сума, која сигурно ќе примами голем дел од купувачите повторно да се одлучат на Galaxy уред.

Доколку пак корисникот се одлучи на телефон од друг бренд или пак само ги сака парите назад, ќе добие кредит од 25 долари, што е секако помалку поволно, но е добар начин Samsung да се заштити од целиот хаос со запалувањето на Note 7 и да ги намали загубите. Според првичните процени, тие ќе изнесуваат околу 17 милијарди долари, но сето тоа зависи од тоа на што ќе се одлучат корисниците и на тоа како во наредната година ќе поминат новите модели на паметни телефони на Samsung и воопшто имиџот на брендот во светот.

Досега инаку сѐ уште не е откриена вистинската причина за запалувањето на батериите во Note 7, но од Samsung ветија дека тоа ќе се случи во наредните неколку недели. Galaxy Note 7 веќе престана со продажба и скоро е сигурно дека нема да видиме ниту негов наследник, односно Samsung најверојатно ќе се одлучи на промена на името и лансирање на друга серија на паметни телефони под капата на Galaxy.

Извор: The Next Web, Mashable, The Verge

Претходна статијаIntel лансира супер брз дрон за индустриски цели
Следна статијаТелефонот што го очекувавме од Nokia е всушност голем 13,8 инчен таблет?